Жири комисиите на Друштвото на писателите на Македонија, за доделување на наградите за најуспешни книжевни остварувања во 2017 година, ја започнаа својата работа.
На конкурсот за годишните награди на ДПМ пристигнаа 76 дела од сите жанрови. Книгите конкурираат за наградите „Ацо Шопов“ за поезија, „Стале Попов“ за проза, „Димитар Митрев“ за критика и есеистика, „Ванчо Николески“ за книга за деца, и „Книжевен мост“ за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите.
Резултатите ќе бидат познати до крајот на јануари, а наградите ќе бидат врачени на 13 февруари, на свеченоста по повод одбележувањето на 71-та годишнина од основањето на Друштвото на писателите на Македонија.
Одлуките за најуспешните остварувања ќе ги донесат жири комисии составени од 15 истакнати писатели, универзитески професори, научни работници, критичари и есеисти. Членови на жири комисиите се: Весна Мојсова Чепишевска, Венко Андоновски, Милован Стефановски, Ресул Шабани, Маја Јакимовска Тошиќ, Стојан Тарапуза, Лилјана Пандева, Иван Чаповски, Наташа Аврамовска, Кочо Топузоски, Делвина Керлуку, Василе Димески, Јусуф Едип, Олга Арбулјевска и Александар Кујунџиски.