Денеска ќе се одржи вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации на барање на САД, во знак на поддршка на антивладините протести во Иран.
Земјите-членки на СБ на ОН се со поделени мислења за протестите во Иран, во кои загинаа најмалу 21 лице, а над 450 се уапсени.
Ники Хејли, американската амбасадорка во ОН кажа дека покренале иницијатива во седиштата на ОН во Њујорк и Женева за да се одржи дебата за ситуацијата во Иран. Таа изрази поддршка за демонстрантите и ги повика ОН јавно да го изнесат своето мислење и поддршка за протестите.
Русија смета дека предлогот за свикување на вонредна седница на СБ на ОН за Иран е штетен и деструктивен. Според нив, САД сакаат да ја искористат постоечката ситуација за да го поткопаат нуклеарниот договор со Иран.
– Ги предупредуваме САД да не се обидуваат да се мешаат во внатрешните работи на Исламска Република Иран… Протестите во Иран се внатрешна работа и го привлекуваат вниманието на меѓународната јавност, наведе Рјабков.
Претходно, иранскиот генерален обвинител Мохамед Џафар Монтазери ја обвини ЦИА дека е „главен креатор“ на протестите во Иран.
– Претставник на ЦИА ја предводеше операцијата, која ја поддржаа Израел и Саудиска Арабија. ЦИА планираше протестите да ги претвори во вооружен бунт во средината на февруари, на годишнината на Исламската револуција, наведе Монтазери.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп негира каква било вмешаност во протестите во Иран, а ЦИА одби да коментира таквите обвинувања.