Јогата е ефикасна во борбата против срцевите болести, исто колку и аеробик вежбите, но научниците се уште не знаат зошто е тоа така.
Иако некои луѓе мислат дека јогата воопшто не може да се смета за физичка вежба, оваа древна техника, која соединува физички, ментални и спиритуални елементи, има голема корист за човечкиот организам.
Истражувачки тим докажал дека јогата нуди „подеднакво намалување на ризикот од срцеви болести, како и возењето велосипед и брзото одење“, а помага и при регулирање на телесната тежина, крвниот притисок и холестеролот.
Група научници од САД и Холандија спровеле големо истражување во кое биле опфатени вкупно 2.700 испитаници.
Најдобри резултати во превенција и лекување на срцевите болести јогата имала во комбинација со лекови.
Професорката Мирјам Хунинг од Универзитетот во Ротердам, која е член на истражувачкиот тим, изјавила дека научниците ќе треба да најдат објаснување за оваа појава.
– Не е јасно зошто јогата така влијае на човечкиот организам, ниту колку често е потребно да се вежба оваа дисциплина за да се почувствува корист. Сепак, резултатите несомнено докажуваат дека е корисна и според мене вреди да се промовира како превентивно средство, истакна Хунинг.