На двата аеродроми во Република Македонија забележан е рекорден број на превезени патници што е резултат на спроведувањето на политиките на Владата за развој на ависообраќајот во државата, информира Министерството за транспорт и врски.
Од месец јануари до месец октомври 2017 година, вкупниот број на превезени патници од аеродромите „Александар Велики“ – Скопје и „Св. Апостол Павле“ – Охрид изнесува 1.731.098, што претставува зголемување од 12,8 отсто во однос на истиот период претходната година, кога бројот на патници изнесуваше 1.534.591.
Само во месец октомври 2017 година од двата аеродрома во Република Македонија, како што е наведено во соопштението од Министерството, превезени се вкупно 184.393 патници. Споредено со 2016 година, кога во текот на истиот месец се регистрирани 151.877 патници, забележан е раст од 21,4 отсто.
На аеродромот „Александар Велики“ бројот на патници за периодот јануари – октомври 2017 година изнесува 1.582.989 или зголемување од 12,8 отсто, споредено со истиот период во 2016 година кога се регистрирани 1.403. 902 патници.
Исто така, забележан е и раст од 13,3 отсто на бројот на патници на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Од месец јануари заклучно со месец октомври оваа година регистрирани се 148.109 патници, споредено со 130.689 патници превезени во текот на истиот период 2016 година.
Како најзастапени дестинации според бројот на патници и понатаму остануваат Истанбул 12,4 отсто, Цирих 8,7 отсто, Виена 6,7 отсто, Базел 5,2 отсто и Малме 4,6 отсто, соопшти Министерство за транспорт и врски.