Ракометарите на македонскиот вицепрвак Металург по паузата ги очекува нов натпревар од Лигата на шампионите. Во рамките на 6. коло Металург е домаќин на руската екипа Чеховски Медведи, против која постигна победа на гостински терен во 5. коло со 32:26.
– На сите натпревари одиграни досега бевме аутсајдери и имавме мотивирачки прес-конференции. Во недела сега ние сме фаворити и нема бегање од тоа. Добро работевме и се подготуваме за нова победа на домашен терен, изјави тренерот на РК Металург Александар Јовиќ, кој во отсуство на Лино Червар и на овој натпревар заедно со Ванчо Димовски ќе ја предводи екипата.
Еден од младите играчи на Металург, кој има се поголема минутажа и на дуелите од Лигата на шампионите Марио Танкоски на прес конференцијата изјави дека ова за нив ќе биде многу важен натпревар.
– Противникот Чеховски Медеведи е добра и искусна екипа, иако ние ги победивме на нивни терен нема да биде лесно. Сега со победа ќе имаме шанса и за второто место во групата, рече Танкоски.
Натпреварот Металург – Чеховски Медевди се игра во недела од 17 часот во СЦ „Борис Трајковски“. Во екипата на Металург се очекува враќање во составот на Филип Кузмановски, кој поради повреда пропушти неколку натпревари.