Вардар ќе ја има фаворитската улога на саботниот дуел од Лигата на шампионите за ракометарки против Ларвик, но „црвено-црните” најавуваат дека во ниту еден момент нема да го потценат противникот и покрај убедливата победа во Норвешка (31:19).
– Тие се млада екипа што има смена на генерации во моментов. Тоа не значи дека ќе биде лесно, бидејќи имаат млади, но добри играчи, шутери и традиционално имаат брз контранапад. Ние тоа го видовме во Норвешка, и имавме проблеми поради наши грешки. Тие треба да ги намалиме и се ќе биде во ред, рече тренерот Ирина Дибирова на денешната прес-конференција.
Капитенот Јованка Радичевиќ очекува Вардар да продолжи со максималниот ефект.
– По три кола имаме максимален учинок, и сакаме да продолжиме со овој биланс. Со секој противник на натпреварите ние приоѓаме сериозно. Тренираме добро и знаеме која е нашата цел. Сигурна сум дека во сабота нема да биде лесно. Играат секогаш до крај, без разлика на резултатот. Желни се за докажување. Ни треба максимален пристап во одбрана за постигнување лесни голови, рече десното крило на македонскиот првак.
Натпреварот меѓу Вардар и Ларвик е закажан за в сабота во 17 часот во СЦ „Јане Сандански”.