Катар е подготвен да разговара со земјите кои на таа држава и воеведоа воздушно, поморско и копнено ембарго, но Доха нема да се согласи на мешање во внатрешните прашања, изјави катарскиот емир, шеик Тамим бин Хамад Ал Тани на синоќешното гостување во телевизиската емисија „60 минути“.
Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати, Египет и Бахреин на 5 јуни ги прекинаа врските со Катар и воведоа ембарго, обвинувајќи ја Доха дека поддржува тероризам.
Шеикот Тамим синоќа повторно ги негираше ваквите обвинувања и нагласи дека неговата земја сака да соработува со соседите во борбата против тероризмот.
Катарскиот емир во емисијата на Си-Би-Ес изјави дека сите во Доха се шокирани од ненадејната блокада и обвиненија од заливските соседи, пред се, поради тоа што само неколку седмици претходно, претставниците на најбогатите и најмоќните земји од Блискиот исток се сретнале со американскиот претседател Доналд Трамп во Ријад, заради здружување во борбата против тероризмот.
Катарскиот емир оцени дека зад обвиненијата на соседите, всушност се крие тоа што на тие држави им пречи независноста на Катар и начинот на кој размислуваат Катарците, пред се за визијата за иднината на Блискиот исток.
– Нашиот суверенитет е црвената линија. Ние не се согласуваме кој било да се меша во нашиот суверенитет. Кога же ми кажете да згаснам канал како Ал Џезира, историјата еден ден – за 50, 60 или 70 години, же испише како се сменила идејата за слободен говор во регионот, изјави емирот.