Мјанмар и Бангладеш денеска се согласија да соработуваат за репатријација на бегалците Рохинџи и да преземат чекори за зајакнување на граничната безбедност, бидејќи односите меѓу двата соседа беа затегнати поради континуираниот проток на бегалците во Бангладеш.
Повеќе од 600.000 Рохинџи го напуштија Мјанмар од 25 август досега, откако, по напад на полициски пункт од страна на група Рохинџи, армијата на Мјанмар возврати жестоко врз оваа муслиманска заедница, што од ОН беше наречено етничкото чистење.
На состанокот во главниот град на Мјанмар, Непјидо, министрите за внатрешни работи на двете земји, потпишаа два договори за безбедносна и погранична соработка.
Двете страни, исто така, се согласија да „го сопрат одлевањето на жители од Мјанмар во Бангладеш” и „да формираат заедничка работна група”, изјави за новинарите Тин Мјинт, постојан секретар од Министерството за внатрешни работи во Мјанмар.
– По формирањето работната група, двете земји се согласија да организираат различни чекори за да можат овие луѓе да се вратат во својата татковина безбедно и во сигурни услови, рече Мостафа Камал Удин, секретар на Министерството за внатрешни работи на Бангладеш.
Официјалните претставници не ги елаборираа конкретните чекори што ќе ги преземат властите за репатријацијата, додавајќи дека најголемиот дел од дискусиите биле посветени на договорите за меѓугранична соработка и безбедноста.
Мјанмар и Бангладеш се согласија „да се врати нормалноста во Ракхин, за да им се овозможи на раселените жители на Мјанмар да се вратат од Бангладеш во првата прилика”.