Ирачката армија денеска ги потисна курдските сили во областа Канакин, на границата меѓу Ирак и Иран, и ја прошири офанзивата против единиците на автономната област Ирачки Курдистан, кој на 25 септември одржа референдум за независност.
Ирачката армија веќе два дена презема контрола врз градови и села во Ирачки Курдистан, откако во понеделникот го освои градот Киркук, а денеска целосно ги зазеде пространите нафтени полиња во околината на овој град.
Во исто време, вооружена група на заедницата Јазиди, лојална на властите во Багдад, преземеде контрола врз градот Синџар од курдските сили.
Ирачката Влада ја има поддршката на Иран, како и на Турција, за меѓународна изолација на Ирачки Курдистан, додека курдските борци бараат поддршка од нивниот досегашен главен политички поддржувач САД, предупредувајќи дека евентуално освојување на нивната територија ќе значи голема стратегиска победа за Иран и Владата во Багдад во која доминираат шиитите и има поддршка од Техеран.
Низ ирачките медиуми денеска се проширија информации дека потпретседателот Нури ал Малики се заканил со офанзива кон Ербил, главниот град на ирачки Курдистан.
Официјално, ирачкиот премиер Хајдер ал Абади им нареди на неговите сили да ги потиснат курдските сили од ирачката територија која не е дел од Ирачки Курдистан, но не и да навлезат во областа.