И сириските и странските борци на Исламска држава ќе бидат евакуирани од своето неодамнешно упориште во Рака, Сирија, во согласност со договорот постигнат меѓу сите племенски водачи.
Омар Алуш, претставник на Цивилниот совет на Рака посочи дека е постигнат договор со кој на борците на ИД им се овозможува да го напуштат градот, над кој Сириските демократски сили, со поддршка од САД ќе воспостават контрола.
– И странските борци се опфатени со договорот, истакна Алуш.
Претходно, коалицијата предводена од САД соопшти дека на странските џихадисти нема да им биде дозволено да го напуштат градот заедно до сириските борци на ИД.
Сириската опсерваторија за човекови права претходно соопшти дека сите сириски борци на ИД ја напуштија Рака, некогашниот бастион на џихадистите во источниот дел на Сирија.
Организацијата со седиште во Лондон наведе дека тие заминале од градот заедно со нивните семејства и се упатиле на непозната локација, а дека во тек се подготовките за заминување на странските борци.
Претходно, портпаролот на коалицијата предводена од САД во Сирија, Рајан Дилон изјави дека во последните 24 часа во Рака се предале околу 100 припадници на ИД и „се отстранети од градот“.