Фудбалерите на Вардар славеа тешка победа во дербито против Шкендија, иако тетовската екипа во два наврата имаше предност.
Дерби дуелот од 10. коло во Првата македонска фудбалска лига одигран попладнево на Националната арена „Филип Втори“ му припадна на актуелниот шампион Вардар со 4-2.
Тетовци доминираа во текот на првото полувреме, а како резултат на таквата игра стигна голот на Жуниор во 27. минута за водство од 0 – 1.
Во вториот дел вардарци ја презедоа иницијативата. Во 54. минута откако беше направен прекршок во шеснаесетникот на Шкендија, врз новото вардарово засилување Максимов, судијата Мечкаровски покажа на белата точка, а сигурен реализатор на најстрогата казна беше Хуан Фелипе за израмнување на 1 – 1.
Но, само девет минути подоцна (63), беше досуден пенал за Шкендија кој во ново водство (1-2) го претвори Бесарт Ибраими. Веќе во следната акција Вардар стигна до израмнување. Дејан Блажевски ја искористи убавата асистенција на Итало и во 64. минута израмни на
2 – 2.
Комплетниот пресврт дојде во 73. минута кога Бразилецот, Фелипе со удар од преку 25 метри го совлада гостинскиот голман Константин Захов за водство од 3 – 2. Конечниот резултат Вардар – Шкендија 4 – 2 го постави Бразилецот Оливеира Итало на три минути пред крајот (87. минута).
Победи на домашен терен забележаа уште три екипи.
Академија Пандев против Шкупи со 2 – 0 со головите на Зоран Балдовалиев (32. и 90. минута).
Два гола постигна и Лукас (25. и 45. минута) во триумфот на Пелистер со 2 – 1 над прилепска Победа за која стрелец на голот беше Борче Маневски (89. минута).
Во Тетово, Ренова го совлада Работнички со 3 – 1. Головите за домаќините ги постигнаа Арџент Гафури (5. минута) и два Ваљмир Нафиу (57. и 90. минута), додека за Работнички погоди Кире Маркоски (71. минута).
Честа на гостите ја спаси Силекс. Иако, во дуелот против Скопје, Силекс губеше од 16. минута, по голот на Дарко Ѓурчиновски, сепак кратовци преку Антонио Бујчевски (88. минута) се изборија за израмнување 1-1.
Табела: Шкендија 25 бодови, Вардар 19 (-2), Академија Пандев 17 (-1), Силекс 14, Пелистер 12, Шкупи 12, Ренова 10, Победа 9, Работнички 7 (-1) и Скопје 4.