Властите на Ирачки Курдистан соопштија дека распоредуваат илјадници борци во градот Киркук за да спречат навлегување на единици на ирачката армија во регионот.
Советот за безбедност на Ирачки Курдистан соопшти дека ирачката армија испратила единици опремени со тенкови, артилерија и оклопни возила јужно кон Киркук.
– Десетици илјади курдски пешмерга војници се стационирани во и околу Киркук. Уште 6.000 дополнителни пешмерги се распоредени од синожа и ќе се соочат со ирачките закани, изјави денеска потпретседателот на Ирачки Курдистан, Косрат Расул.
Граѓаните во Ирачки Курдистан гласаа за независност, но ирачката Влада на Хајдер ал Абади не го признава референдумот и влезе во координација со Турција и Иран да се спречи отцепувањето на курдската област.
Киркук е првиот град во ирачки Курдистан кој е на патот на ирачките сили, а воедно е и важен центар на нафтената индустрија. Курдските сили и ирачката армија до неодамна заедно се бореа против џихадистичката група Исламиска држава (ИД) во соседната област Хавиџа, но со референдумот нивните односи се променија се смени.
Абади изјави дека Ирак нема намера да го нападне Ирачки Курдистан и дека ќе се задоволи со блокирање на меѓународниот авиосоообраќај и извозот на нафта.
Во близината на Киркук има воени бази од кои ирачката армија се повлече во 2014 година, при налетот на ИД, кои сега се во раце на курдските регионални власти и ирачката армија може да побара нивно враќање под централна контрола.