Премиерот на Ирачки Курдистан, Нечирван Барзани изјави дека ќе направи се што е потребно за нормализирање на односите со Турција, јави турската телевизија НТВ.
– Не е лесно да се расплете јазолот со Турција, но треба да вложиме напори да ги вратиме односите на претходното ниво. Не сме закана за никој од своите соседи, истакна Барзани.
Тој повтори дека автономната област, која спроведе референдум за независност на 25 септември, сака да разговара со официјален Багдад без какви било предуслови.
Според него, изнесувањето на проблемот од Багдад во други земји не е од корист ниту за Ирак, ниту за другите земји.
– Тој проблем е на Ирак, рече Барзани.
Повеќе од 90 отсто од избирачите на референдумот за независност на Ирачки Курдистан, против кој категорично застана ирачката Влада, се изјаснија за отцепување од Ирак.