Рокот за изградба на автопатот Миладиновци-Штип и официјално е продолжен до крајот на септември следната година со денеска потпишаниот договор меѓу претставници на македонската Влада и на изведувачот на градежните работи кинески „Синохидро“.
– Со овој чекор Владата ја покажува својата посветеност за завршување на овој инфраструктурен проект, кој ќе биде од корист за граѓаните и економијата на Република Македонија, оценија вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кои со в.д директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, го потпишаа анексот на договорот со претставникот на Синохидро во Македониј Фан Јанг.
На потпишувањето на Анекс договорот му претходеа измени и дополнувања на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и на Кичево – Охрид, откако инвеститорот не ги заврши работите до 1 мај годинава што беше првичниот рок.
Како што истакнаа Анѓушев и Сугарески, целта на Владата е автопатската делница да се заврши во легална процедура, поради што и Собранието ги донесе неопходните законски измени и дополнувања, соопшти службата за информирање на Владата.
На новата автопатската делница Миладиновци-Свети Николе Штип, во должина од 47 километри, досега се завршени 74 проценти од градежните работи. Вредноста на тој проект е 206 милиони евра.
Сугарески неодамна изјави дека со анекс договорот за изградба на автопатот Миладиновци – Штип покрај што се продолжува рокот за завршување на работите до 30 септември следната година, се уредува и прашањето за ненаплаќање до определен рок на побарувањата помеѓу Јавното претпрјатие за државни патишта и изведувачот на работите кинески „Синохидро“.
– Јавното претпријатие за државни патишта кое е носител на договорот со „Синохидро“ зема обврска да не бидат наплатени пенали од страна на државата до 15 февруари следната година, а исто така до 15 февруари да не се наплаќаат пеналите односно оштетните побарувања коишто ги бара „Синохидро“. Тоа е поврзан рок и после тоа се враќаме на процедурата, односно она што ќе значи наплата од страна на државата на своите побарувања и исто така и на „Синохидро, изјави Сугарески.
Тој најави најави дека ќе почнат разговори со „Синохидро“ и за продолжување на рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид бидејќи, како што изјави, очигледно е дека сегашниот рок, 31 јануари следната година, нема да биде доволен.
Изградбата на автопатот Кичево-Охрид, во должина од 57 километри, според сегашниот договор, чини 374 милиони евра. Првичните проценки на надлежните институции покажуваат дека ќе бидат потребни дополнителни над 120 милиони евра.