Во координирана меѓународна полициска операција во неколку земји од Европската унија, се уапсени 43 лица поради поврзаност со организиран криминал, соопшти денеска Европол.
Во соопштението се посочува дека со акцијата, спроведена на 25 септември, била разбиена криминална група што, меѓу другото, се занимавала со производство и трговија на наркотици, шверц на оружје и цигари и кражба на луксузни возила.
Операцијата истовремено била изведена во Германија, Холандија и Полска, од страна на припадниците на полицијата и правосудните органи со поддршка од Европол и Евроџаст.
– Повеќе од 330 полицајци извршија претрес на 75 објекти во Полска, каде се уапсени 43 лица и се запленети оружје, значително количество наркотици, фалсификувани пари, како и цигари без бандероли, наведе Европол.
Осомничените се товарат за повеќе кривични дела, вклучително и за организиран криминал, производство на повеќе од 900 килограми амфетамин, нелегално поседување оружје и муниција и кражба на луксузни автомобили.