Бангладеш денеска почна преговори со соседен Мјанмар, со цел да обезбеди враќање на повеќе од половина милион муслимански бегалци Рохинџи, од кои повеќето пристигнаа на крајот на август.
Обединетите нации го нарекоа „егзодус“ раселувањето на 507.000 Рохинџи од 25 август, кога безбедносните сили почнаа воена операција против оваа муслиманска група, откако Рохинџи припадници извршија неколку напади.
Мјанмар негира дека се врши етничко чистење.
Премиерката на Бангладеш Шеик Хасина повика на крај на насилството и побара да бидат поставени безбедни зони во Мјанмар, со цел бегалците да се вратат.
Таа побара и посебна истражна комисија на ОН да замине во Мјанмар и да препорача мерки за решавање на проблемот со Рохинџите.