На меѓународниот стрип-натпревар во рамки на манифестацијата Салон на стрип Белград, кој овој викенд во главниот град на соседна Србија се одржува по 15-ти пат, дел од наградите отидоа за автори од Македонија. Младата Калина Печевска од Скопје за стрипот „Отфрлената жена“ ја освои наградата „Млад лав“ за најдобар учесник во категоријата до 15-годишна возраст, а Марија Стојановска, исто така од Скопје, за стрипот „Кафе на ѕидот“ се закити со награда од спонзорот на манифестацијата „Сириус продакшн“.
За разлика од претходните неколку години кога на овој престижен стрип-фестивал од регионот учество земаа едвај 4-5 македонските автори, годинава тој број е неколкукратно зголемен, за што заслуга има Стрип центарот на Македонија – Велес, од каде организирано испратија петнаесеттина стрипа на млади македонски таленти. Всушност, по бројот на учесници, 23 од вкупно 272, како и по бројот на освоени награди, Македонија е веднаш зад домаќинот Србија.
„Стрип центарот на Македонија од порано практикува организиран настап на вакви меѓународни конкурси и фестивали, пракса што започнуваме да ја интензивираме и прошируваме. Конкретно, испраќаме стрип-дела на лица со кои СЦМ соработува, пред сѐ млади стрип-автори. Реалните факти посочуваат дека македонската стрип-сцена недоволно е застапена на вакви настани во странство. Во моментов, освен на фестивалите во Лесковац и Призрен, поискусните стрип-автори не учествуваат на други конкурси“, вели проектниот координатор Томе Трајков.
Покрај двете наградени, во официјалната селекција од сто најдобри стрипа изложени на манифестацијата влегоа и македонските автори Катерина Николовска, Мирко Бојаџијевски, Евгенија Трајковска, Катерина Апостолска, Стефанија Ристовска, како и Александар Стеванов, годинашниот лауреат на Признанието за развој и афирмација на стрипот во Македонија „Љупчо Филипов“, кое кон средина на идниот месец ќе биде доделено на Меѓународниот салон на стрип – Велес 2017.