Европскиот првак Вардар во недела ќе го одигра натпреварот од 3.коло во ракометната Лигата на шампиони, во кој за противник ќе ја има хрватската екипа ППД Загреб.
На денешната средба со медиумите тренерот Раул Гонзалез и капитенот Сојанче Стоилов нагласија дека Вардар ќе атакува на третата победа сезонава, но и дека противникот не смее да се потцени.
– Загреб е квалитетен тим со одлични и пред се искусни играчи како Хорват и Марковиќ. Очекувам тежок натпревар во кој треба да вложиме максимум за да дојдеме до триумф. Прво место сме на табелата, но тоа не треба премногу да не опушти. Очекувам добар меч во кој ќе уживаат сите што ќе не следат. Јас секогаш сакам да победувам, но најсреќен сум кога тоа го правам во полна сала, а верувам ќе биде така в недела. Треба да одиграме како против Нант и Висла, ако го сториме тоа тогаш ќе бидеме блиску до посакуваната цел, изјави Гонзалез.
Ривалството на двата тима е големо и трае повеќе сезони, потсети капитенот Стојанче Стоилов.
– Загреб е тим, кој добро го знаеме и го почитуваме. Минатата сезона ни го нанесе првиот пораз во ЛШ и мора да внимаваме. Против Нант нападот не функционираше како што сакавме, се надевам дека сега ќе бидеме многу подобри. Фаворити сме, сакаме да победиме и се надевам дека ќе го потврдиме тоа на терен, потенцира капитенот Стоилов.
Натпреварот меѓу Вардар и ППД Загреб ќе се игра во недела во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17 часот.