Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска оствари работна средба со претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Николче Тасески.
На средбата, како што се наведува во соопштението се разговарало за состојбите во авиосообраќајот во Република Македонија и улогата на Македонската навигација за развој на оваа дејност.
Министерот Сугарески потенцираше дека развојот на авиосообраќајот во земјава е еден од приоритетите на Владата и токму во таа насока ќе се одвива соработката меѓу Министерството за транспорт и врски и М-НАВ.
– Политиките што ги спроведуваме како ресорно Министерство се движат во насока на развој на авиосообраќајот преку искористување на широкиот потенцијал што го има оваа дејност во Република Македонија. Директорот на М-НАВ ме информираше за состојбите и за проектите што се реализираат со опремување со нова технологија на Македонската навигација и очекуваме дека со нивната имплементација ќе доведеме до значително подобрување на ависообраќајот во земјава, рече министерот Сугарески.
Тие на средбата разговараа и за зголемување на потенцијалите на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид преку негово опремување со нова технологија од аспект на контрола и следење на сообраќајот.
На средбата и двајцата се согласија дека е потребна поголема комуникацијата меѓу двете институции за да се реализираат целите на Владата, а тоа е нудење на квалитетни услуги и раст и развој на авиосообраќајот.