Кениецот Бивот победник на 31. меморијален Меѓународен атлетски маратон „Влатко Димитров“ во Охрид

Од:

Кенискиот атлетичар Виклиф Кипкорир Бивот е победник на 31-от по ред меѓународен Охридски атлетски маратон. Бивот во силна конкуренција од 140 атлетичари прв стигна на целта, истрчувајќи ја 30-километарската патека од Свети Наум до Охрид за 1:41:19 часа.

Втор целната линија на Кејот на Охридското Езеро ја мина Тамаш Наѓи од Унгарија (1:49:16), додека бронзата му припадна на косовскиот маратонец Илир Рудани (1:51:25).

Во женска конкуренција најуспешна беше Слаѓана Перуновиќ од Црна Гора со резултат 1:55:52, второпласирана беше Ана Суботиќ од Србија (2:03:21), додека трета на целта пристигна нашата маратонка Адријана Поп-Арсова, која патеката ја истрча за 2:16:30 часа.

Инаку, на главната трка и претходеше петкилометарската рекреативна „Трка на независноста“ по повод на 8 Септември – Денот на осамостојувањето на Република Македонија. Оваа година рекреативната трка беше организирана во знак на поддршка на децата со ретки заболувања, а со свое учество во големиот маратон иницијативата ја поддржа и министерот за финансии Драган Тевдовски.

-Ова е веројатно најстариот маратон во Македонија, на кој учествувам по втор пат. Оваа година трчав за поддршка на децата со ретки болести, а сметам дека и други јавни личности треба да се вклучат во иницијативата. Сметам дека од наредната година треба да се направи напор за поголема популаризација на Охридскиот маратон, изјави Тевдовски после завршувањето на маратонот.

За патеката од Свети Наум до Охрид тој рече дека е прилично напорна бидејќи има доста нагорнини и надолнини, но оти самата трасата на трката покрај езерото ја прави оваа маратонска трка посебна поради својата убавина.

Маратонот во Охрид се одржува од 1976 година, а се до 1993 година на 7 ноември – Денот на ослободувањето на градот во Втората светска војна. Од 2004 година наваму маратонот добива меѓународен предзнак и со исклучок на 2011 година се одржува секоја година на празникот на независноста на РМ. Организацискиот одбор на Охридскиот атлетски маратон на состанокот одржан минатиот месец донесе одлука маратонската трка да го носи името на починатиот професор по физичко воспитување и долгогодишен спортски атлетски работник од Охрид Влатко Димитров. Димитров беше еден од главните инцијатори за возобновувањето на Охридскиот атлетски маратон после десегодишната пауза настаната од осамостојувањето на Република Македонија.

Инаку, рекордите на трката им припаѓаат на кениските маратонци Абел Кибет Роп (1:34:58) во машка и Ребека Џепширшир Корир (1:48:12) во женска конкуренција.

Би можело да ве интересира

Струга домаќин на 13. државно и меѓународно првенство „Триатлон 3Дисциплини 2024“

Падна олимпискиот рекорд во маратонот во Париз

Горан Наумовски

Срамно однесување на италијанскиот спортист: Го престигна Германецот и го понижуваше

Предраг Петровиќ

Литванецот Миколас Алекна го собори најдолгогодишниот светски рекорд во машка атлетика

Предраг Петровиќ

Загина светскиот рекордер Келвин Киптум

Почина познатата Британка Лесли Вотсон

Горан Наумовски