Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија со писмено соопштение ја поздравува одлуката на владата за примена на законското усогласување на пензиите.
„Деновиве, претставници на ВМРО-ДПМНЕ, со произволни и невистинити изјави, во пресрет на претстојните локални избори, се обидуваат повторно да манипулираат со пензионерите, минимизирајќи го значењето на враќањето во примена на законското усогласување на пензиите и негирајќи го износот на средствата кои секој пензионер ќе ги добие како вкупен износ за цела 2017 година по основ на ова законско право.
Во ВМРО-ДПМНЕ очигледно сакаат да се заборави, дека токму по иницијатива на оваа партија за првпат во историјата на Република Македонија, неколку години последователно на пензионерите им се одзеде законско и колективно право, а пензионерите се третираа како корисници на социјална помош.
Ако, според нив, со примена на законското усогласување на пензиите новата Влада само исполнувала законска обврска, треба да објаснат зошто и како, примената на член 37 од Законот за ПИО престана да биде и нивна законска обврска.
Почитувани пензионери, нашите пензии се наше лично и законски стекнато право по основ на работниот однос. Секој од нас ја заработил својата пензија со својот труд и таа ниту е подарок ниту пак треба да зависи од нечија добра волја или милост. Нам ни останува да истраеме во одбраната на стекнатите права, но и да ги унапредиме согласно со реалните потреби и можности на државата.
Во настојувањето, трајно и на рамноправна основа да ги оствариме и користиме нашите права поврзани со пензиите, ќе бидеме успешни ако покажеме доследнст во заложбите, но и со активно вклучување и подршка на реформите и програмата на новата Влада, која на здрави и долгорочно одржливи основи ги гради своите политики кон пензиите и пензионерите“ се вели во соопштението на Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија.