Петнаесет лица, вклучувајќи шестмина напаѓачи, беа убиени во напад врз Мисијата на ОН во Тимбукту во Мали, пренесе ДПА, цитирајќи извор од мисијата.
Убиени се пет лица од безбедносните сили, полициски офицер и цивил. Еден телохранител и шест лица од мировните сили на ОН се повредени во нападот.
Нападот е извршен во реонот на градот Тимбукту, во северниот дел од оваа потсахарска, африканска држава.
Никој досега не ја презеде одговорноста за нападот , но разни исламистички милитантни групи, повремено вршат напади врз мировниците.Повеќе од 100 припадници на овие сили досега се убиени во ваквите напади.
Безбедносната ситуација во Мали е значително влошена уште од 2013 година, кога мораа итно да интервенираат француските војници за да ги протераат здружените сили на исламистичките џихадисти и на бунтовниците на Туарезите кои дејствуваат во реонот на Тимбукту.
Интервенцијата на француските трупи пред четири години, ги спречи исламистите кои веќе ја имаа контролата врз поголемиот дел од земјата, да навлезат и во главниот град Бамако.
Француски војници и уште десет илјади мировници на ОН, сега ја одржуваат стабилноста на оваа некогашна француска колонија.