Тројца Авганистанци се убиени изутринава во самоубиствен напад со автомобил-бомба врз американска воена база во источниот дел на Авганистан.
Портпарол на силите на НАТО потврди дека базата Чапман во близина на Хост била мета на нападот, во кој се повредени седум лица. Нема загинати од припадниците на меѓународните сили.
Според портпарол на авганистанското Министерство за внатрешни работи нападот бил извршен од бомбаш-самоубиец, кој удрил со автомобил полн со експлозив во влезот на базата.
Талибанските бунтовници презедоа одговорност за нападот.
Базата Чапман беше мета на самоубиствен напад и на 30 декември 2009 година, во кој беа убиени седум агенти на ЦИА и еден јордански офицер, кој работел за американското разузнавање.