Научниците на женевскиот институт ЦЕРН соопштија дека во март 2013 година би можеле да организираат конференција на која официјално би потврдиле постоење на недопирливиот Хигсов бозон.
Тие ги отфрлија шпекулациите кои последните денови се шират на блогови, па дури и во некои научни списанија, дека наместо еден бозон постојат неколку такви честички.
Научниците во јули објавија дека се појавила честичка одговорна за тоа што материјата има маса, која теоретски пред половина век ја опишал физичарот Питер Хигс. Во соопштението тие останаа недоречени дали честичката што ја откриле навистина е Хигсов бозон, очекувајќи ги резултатите од понатамошните истражувања.
– Според последните податоци кои ги добивме и кои ги проучуваме последните месеци не е така едноставна како Хигсовиот бозон, но многу личи на Хигс – рече Оливер Бухмилер член на истражувачкиот тим кој работи на Големиот хидронски судирач на честички.
– Како што сега се одвиваат работите до следниот состанок можеме да го наречеме само Хигсов бозон, рече Бухмилер за Ројтерс, упатувајќи на годишниот собир на физичари кој ќе се одржи во март 2013 година во италијанскиот центар Ла Туља оддалечен 120 километри од ЦЕРН.
Шпекулациите дека постојат два Хигсови бозона, честички заслужни за формирање на универзумот, по Големата експлозија пред 13,7 милијарди години, се зајакнаа по појавувањето на минатонеделниот извештај за напредокот на истражувачите на ЦЕРН. Се работи за достигнување кое сигурно ќе добие Нобелова награда за физика.