„Бата прес“ ја објави книгата „Димитар Илиевски – легенда на македонскиот шах“ – документарна биографија за прославениот интернационален шаховски мајстор Димитар Илиевски (1941).
– Со текст, слики, факсимили од весници, табели, искажувања и други сведоштва прикажани се шаховските успеси на Илиевски на голем број меѓународни шаховски турнири, на кои го постигнува највисокиот рејтинг од 2460 поени и 120-то место на светската рејтинг листа, што е најголем успех што го постигнал некој македонски шахист досега. Таа е истовремено и значаен прилог за историјата на македонскиот шах и за успесите во македонскиот спорт, соопшти издавачот.
За време на својата шаховска кариера Димитар Илиевски на официјални натпревари победил и ремизирал со многу прославени светски велемајстори, меѓу кои и со кандидати за светски првак.
– Димитар Илиевски и сега, на возраст од 76 години активно игра на големи натпревари (член е на ШК „Гамбите асесе секо“) и заедно со Ненад Баткоски и ФИДЕ мајсторот Љубомир Хаџи-Манев е коавтор на оваа книга, во која се објавени и стручно се коментирани и 120 избрани шаховски партии, како шаховска читанка за младите играчи и за љубителите на шахот, информира „Бата прес“ за новата книга која задутре, 22 јули, ќе биде промовирана во општина Илинден.