Граѓанското движење против осиромашување со три барања до Владата

Од:

Граѓанското движење против осиромашување е против било какво зголемување на даноците, против зголемување на трошоците за придонеси на здравствено, пензиско осигурување и придонеси за вработување, изјави денеска членот на Граѓанското движење против осиромашување, Жарко Здравковски пред Владата на Република Македонија.

Зголемувањето на даноците, како што посочи, ќе значи удар врз стопанството и компаниите.

– Зголемувањето на трошоците за работа ќе резултира со нарушување на балансот и поскапување на производите за секојдневна употреба, рече Здравковски.

Според него, сопствениците на компании, зголемените трошоци кои ќе се наметнат преку зголемените даноци нема да ги надоместат со тоа што ќе се скрати од својот профит, туку од намалување на платите на работниците. Помали приходи ќе значат слабеење на економската моќ на граѓаните и зголемување на сиромаштијата.

– Поскапото производство и услугите за сопствениците на компании ќе значи поскапување на производството за широка потрошувачка. Повеќе пари за државата, а помалку за стопанството значи помалку пари за нови инвестиции и проширување на компаниите. Тоа ќе биде дополнителен фактор за затворање на фабрики и мали бизниси кои ќе бидат под најголем удар, рече тој.

Здравковски нагласи дека зголемените даноци ќе стимулираат избегнување на плаќање на даноци, односно стимулирање на сивата економија што води кон слабеење на бизнисот и државата.

Од Граѓанското движење против осиромашување ги повторија мерките кои Владата на СДСМ што ги вети во однос на зголемување на даноците и воведување прогресивен данок.

Тој во име на Граѓанското движење постави три барања до Владата кои ќе ја стимулираат економијата и ќе овозможат релаксација во однос на потрошувачката на граѓаните.

– Прво, Владата безусловно и јавно да се откаже за било какво зголемување на даноците. Зголемување на даноците ќе влијае на зголемување на трошоците за живот, а и со осиромашувањето на компании и граѓаните, рече Здравковски.

Како второ, како што рече, бараат намалување на даноците и трошоците за придонеси. – Персоналниот данок да се намали од 10 на 9 проценти, односно придонесите од 27 на 25 проценти. Намалените даноци ќе влијаат стимулативно врз економијата и ќе овозможат релаксација во однос на потрошувачката на граѓаните, додаде тој.

Како трето барање до Владата, Здравковски го посочи откажувањето од непродуктивни трошоци, како на пример, зголемени средства за привремени вработувања, храна, репрезентации и службени картички, за сметка на зголемување на капиталните инвестиции, изградба на патишта, училишта, градинки, здравствени установи, како и поддршка на стопанството.