Катар повторно ги отфрли обвинувањата дека поддржува тероризам, кои во заедничко соопштение ги изнесоа четирите арапски земји, оценувајќи ги како „неосновани“.
Тоа е прв јавен одговор на Катар на соопштението на Заливските држави по повод прекинот на дипломатските односи со Доха.
Во соопштението на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет се наведува дека одбивањето на барањата поставени на Катар претставува доказ дека таа земја има врски со терористички групи.
Во документот се истакнува дека откако Катар ја одбил нивната првична листа со 13 услови, арапските држави најавиле преземање на политички, економски и правни чекори против Доха.
Владата на Катар ги саботира дипломатските напори за решавање на кризата, а со одбивањето на барањата потврдува дека продолжува да ја загрозува стабилноста и безбедноста во регионот.
Мерките кои четирите земји ги презедоа се однесуваат на властите во Катар, а не на неговите граѓани, се додава во соопштението.
Условите кои му се поставени на Катар вклучуваат затворање на телевизијата „Ал Џазира“ и на турската воена база во Доха, како и прекин на односите со Иран.