Катар е под закана од нови санкции од арапските држави, кои ги прекинаа дипломатските односи со оваа земја од Персискиот залив, обвинувајќи ја дека го поддржува тероризмот, пренесе ДПА, повикувајќи се на телевизијата „Ал Арабија“.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет му дадоа рок на Катар до вечер да ги исполни нивните барања за надминување на спорот.
Четирите земји го проучуваат списокот со можни санкции против Катар, откако тој ги отфрли нивните барања, што вклучуваат намалување на нивото на односи со Иран, прекин на поддршката за исламистичките групи и затворање на телевизијата „Ал Џазира“.
Катарскиот шеф на дипломатијата, Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани синоќа во Рим изјави дека барањата го нарушуваат суверенитетот на неговата земја, но повика за дијалог.