Социјалната мрежа за споделување фотографии Инстаграм, која е во сопственост на Фејсбук, објави дека ќе користи вештачка интелигенција за филтрирање и отстранување на коментари што содржат говор на омраза.
– Многумина (корисници) ни рекоа дека негативните и агресивни коментари им пречат за да ги користат можностите на Инстаграм и да се изразуваат слободно… За да им помогнеме, ние изработивме филтер што ќе блокира некои од агресивните коментари за објавите и видеата, напиша на својата интернет страница еден од основачите на оваа платформа, Кевин Систрам.
За почеток, филтерот ќе функционира само за коментари на англиски, но подоцна ќе важи и за други јазици.
Социјалните мрежи како широкораспространет медиум, често се обвинувани дека недоволно ги филтрираат навредливите и несоодветни објави и коментари. Како одговор на тоа, на пример, неделава Фејсбук, Мајкрософт, Твитер и Јутјуб јавно објавија војна насочена против тероризмот.