На Балканот му требаат минимум 25 години да ја стигнат ЕУ

Од:

Б-92 – Белград

На земјите од Западен Балкан им требаат минимум 25 години да ја стигнат ЕУ. Проблемот на регионот е повеќекратен. Германскиот план се уште е само идеја, вели Тобијас Флесенкемпер.

Директорот на проектот за Балканот на Европскиот институт СИФЕ во Ница и член на Советодавната група за јавна политика на Балканот во Европа (БИЕПАГ) во интервју за Радио Слободна Европа вели дека земјите на Западен Балкан се посиромашни од што беа пред 30 години, поради што ќе им требаат најмалку 25 години за да ја стигнат ЕУ, под услов да забележат засилен стопански раст.

Поради тоа Германија предложи план наречен процес „Берлин плус”, потсетува тој, но и додава дека „владејачките гарнитури на Балканот можат и сега да ги злоупотребуваат фондовите, кои се само во најава за јакнење на своите позиции”.

– Поради тоа Габриел, шефот на германската дипломатија и потенцира дека парите одат директно до граѓаните и до граѓанското општество. Имено, средствата од европските предпристапни фондови се дистрибуираат преку балканските држави, објаснува Феленкемпер.

Меѓутоа, има причина за критики и сомневања како оваа иницијатива ќе се реализира, наведува тој и потсетува на искуството со Пактот за стабилност, покренат пред речиси 20 години на сличен начин за да обезбеди фондови, но кој не даде никакви резултати поради бирократизмот и бавноста.

Втор проблем е како што влеи Флесенкемпер, тоа што постои механизам на претпристапната помош кој треба да се преиспита во следниот циклус од 2020 година, а третиот е брзината. – За воспоставување на новиот механизам е потребно време. Европејците не се познати по брзина во реализирање на вакви иницијативи, додека останатите се поекспедитивни, истакна Флесенкемпер и додава дека прашање е дали германската иницијатива брзо ќе заживее.

Флесенкемпер вели и дека се уште е се само на ниво на идеја. – Се уште не слушнавме конкретно околу фондовите, дури нема ни правен механизам. Се е само на ниво на идеја, објасни тој.

– Меѓутоа, знаеме кои се потребите на регионот и нивното исполнување не зависи само од парите. Една од препораките за негов развој е огромниот дефицит во трговијата со ЕУ. Од 2006 година, тој се зголеми на 98 милијарди евра. Тоа значи дека се воспоставени такви односи така што европските земји можат да извезуваат на Западен Балкан, додека економиите на државите во регионот не се оспособени за значаен извоз на пазарот на ЕУ, вели тој и додава дека е пропуштена можноста да се изгради и раширена инфраструктура.

– Железничката и патната мрежа прилично заостанува зад европските стандарди. А најверојатно ЕУ нема брзо да се ангажира како што тоа го прават другите актери. Постојат планови, но неопходните пари бавно пристигнуваат, вели Флесенкемпер.

Исто така, според него, освен инфраструктурата, важно е и образованието. – Како што знаете, квалитетот на образованието падна во последните 40 години, наспроти се поголем број на приватни училишта и универзитети. Нивната структура и квалитет не се прилагодени на потребите на економијата. Многу граѓани бараат работа во јавниот сектор или настојуваат да одат во странство, истакна соговорникот на РСЕ.

На констатацијата дека на Балканот се смета дека процесот „Берлин плус“ може да послужи како замена за полноправно членство во ЕУ, имајќи го предвид заморот од проширувањето на стариот континент, Флесенкемпер одговара дека проблемот со Балканот е повеќекратен.

– Сите имаат трговски договор со ЕУ. Исто така, тие се инволвирани во воздушниот сообраќај со многу поврзани летови, дел се од европската енергетска заедница… Недостасува интеграција на политички план, поточно, се поставува прашањето дали и кога политичкиот систем на секоја од земјите од регионот ќе биде доволно кредибилен да ги исполни ветувањата и да се квалификува за членство во ЕУ. И оваа година се покажа дека нивото на демократијата во нив не е на европското ниво, смета Флесенкемпер.

Тој вели дека ЕУ се обидува да го намали економското заостанување на Балканот, но и потенцира дека членството во ЕУ не значи и дека е достигнато нивото на Унијата.

– Значи, не е клучно прашањето дали балканските земји ќе станат формално членки на ЕУ, туку престигнувањето на европското економско ниво. Затоа Габриел рече дека треба сега да се инвестира во стратешките сектори, за да може регионот да го намали јазот. Исто така, членството не значи автоматски дека сте го достигнале европскиот просек. Некои земји успеаја, а други како Хрватска, не, заклучува тој.

Би можело да ве интересира

Грузија ги прекина преговорите со Европската унија

А1он

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија