Деветгодишниот планинар Ване Бошев од Неготино, изминативе два дена успеа да се качи на највисоката планина Олимп во Република Грција и да ги освои врвовите Митикас и Скала.
Неговиот татко Орданчо Бошев, долгогодишен планинар, денеска информираше дека искачувањето помина при мошне убави временски услови. Тој нагласи дека Митикас со 2.918 метри е највисок врв на Олимп и втор по височина на Балканот.
– Акцијата се реализираше два дена. Искачувањето и спуштањето траеше вкупно околу дваесет часа. Експедицијата броеше околу педесет планинари, од планинарските друштва „Балкан“ од Белград, „Макпетрол“ од Скопје и „Неготино МКД“. Имаше четири професионални водичи, појасни таткото.
Младиот Бошев планинари од неполни три години и досега има освоено бројни планински врвови во земјава и странство. Како млад и надежен планинар, има освоено и бројни признанија. Во ноември ќе полни десет години.