Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјави денеска дека четирите арапски земји кои го бојкотираат Катар, би требало заедно да седнат и да се обидат да дојдат до решение на актуелната криза.
– Следен продуктивен чекор, за секоја од земјите, би бил да седнат заедно и да го продолжат разговорот. Веруваме дека нашите партнери и сојузници се посилни кога заедно работат за иста цел, а за која сите сме согласни дека е запирање на тероризмот и бормата против екстремизмот, се наведува во соопштението на Тилерсон.
Тој оцени и дека стишувањето на реториката би помогнало да се смалат тензиите.
Тилерсон нагласи дека САД ќе останат во контакт со сите вклучени земји.
Саудиска Арабија, Египет, Обединети Арапски Емирати и Бахреин ги прекинаа врските со Катар поради поддршка на тероризмот, обвинение повторено и од претседателот на САД, Доналд Трамп. Арапските држави доставија листа на барања и поставија рок од десет дена за исполнување на истите, во кои е вклучена и исплата на непрецизирана сума на отштета.
Катар ја разгледал листата со барања упатени до оваа земја од страна на четири арапски земји, неопходни за нормализирање на меѓусебните односи. Сепак, малиот, но богат и влијателен емират во Персискиот Залив овие услови ги оцени како неразумни и неостварливи. Барањата предвидуваат 13 точки, меѓу кои се бара Катар да ги прекине сите врски со движењето Муслиманско братство и со други групи како Хезболах, Ал Каеда и Исламска држава.
Според листата на барања, Катар треба да се откаже од натурализација на граѓани на четири земји и да ги протера тие кои се на негова територија. Предвидено е и Катар да ги предаде сите лица по кои е распишана потерница во Саудиска Арабија, Египет, Обединети Арапски Емирати и Бахреин под обвинение за тероризам; да го запре финансирањето на екстремистичките организации, прогласени за терористички од страна на САД, како и да достави информации за опозиционерите.
Што се однесува во делот за Иран, се наведува дека Катар треба да ги затвори дипломатските претставништва во Иран и да ги протера сите членови на елитниот ирански воен Корпус на гардата на Исламската револуција и да тргува со Техеран во согласност со американските санкции.
Во барањето за затворање на Ал Џезира, чие седиште е во Доха се посочува дека Катар треба да ги затвори сите филијали на сателитскиот телевизиски канал. Тоа значи и затворање на редакцијата на англиски јазик. Соседите на Катар ја обвинуваат Ал Џезира дека поттикнува нереди во регионот и го поддржува Муслиманско братство.