Британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис изјави денеска дека верува оти Велика Британија и Европска унија ќе се согласат за договор за слободна трговија, на кој инсистира Владата во Лондон, но признава дека не може целосно да биде сигурен во еден таков исход од преговорите.
– Верувам во тоа, но не сум 100 отсто сигурен, затоа што, сепак, станува збор за преговори, рече Дејвис во разговор за Би-Би-Си.
Тој ја уверува домашната јавност дека во ЕУ постои силен интерес за постигнувањето добар договор околу раздружувањето и излегувањето на Велика Британија од Унијата, но одново предупреди дека доколку преговорите тргнат во насока за „казнување на Британија“, Владата во Лондон мора да биде подготвена за повлекување.
– Ние мораме и тоа да го планираме, истакна британскиот министер.
Изјавата на Дејвис, еден од „тврдите брегзитери“ во Владата на премиерот Тереза Меј доаѓа по минатонделното предупредување на министерот за финансии Филип Хамонд за тоа дека „би било многу лошо за Британија доколку излезе од ЕУ без да постигне договор“.
Во денешното интервју, Дејвис застана во одбрана Меј, уверувајќи дека таа е „добар премиер“ иако е изложена на „силен притисок“.
По неуспехот на предвремените парламентарни избори, на кои наместо најавуваниот триумф и „уништувањето“ на опозицијата, Меј го загуби мнозинството во Долниот дом што го имаше по изборите во 2015 година, таа е изложена на силен притисок да се повлече од функцијата.
Сега е соочена со малцинска Влада и настојува да постигне договор со северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП) за обезбедување поддршка во Парламентот.
Одлуката да се договара со ДУП, од чии десет пратеници треба да зависи стабилноста на Владата, уште повеќе го засили притисокот врз Меј да му ја предаде функцијата на друг.
Анкетите во медиумите покажуваат дека мнозинството Британци не веруваат дека таа ке остане премиер до крајот на преговарачкиот процес со ЕУ.
Дејвид Дејвис сепак инсистира на смирување на страстите во Конзервативната партија.
– Би било катастрофално за преговорите за Брегзит, ако сега би се покренал процес за гласање за доверба за Тереза Меј, истакна Дејвис за Би-Би-Си.