Бриферите се лажни, не е точно дека ја напуштивме координацијата кај Вељаноски, реагира Игор Ивановски на информациите дека опозицијата излегла од состанокот кај спикерот.
„Утре продолжуваме.Но точно е дека го одбивме предлогот на Вељаноски, министерот за финансии писмено да не извести кои амандмани ги прифаќа , а кои не, и без расправа во комисиите да се оди на пленарна седница за буџетот. Ова не е деловнички, не може да се спречи дебата. Предлогот на ТРајко Вељаноски е недоличен, безобразен и наликува на кафеанско пазарење. Со парите на граѓаните ние не се ценкаме на ефтин и мизерен начин“, рече Ивановски.
Го повтори предлогот за штедење во буџетот од 204 милиони евра . Ако нема пари, рече, тогаш и Владата треба да штеди и на партиски вработувања, и на фонтани и на реклами и на барок.
„Ќе има 204 милиони помалку за криминалот на Владата. Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ да ја втурне Македонија во грчко сценарио. Ако се прифати нашиот план за заштеда нема да мораат неродените деца да ги отплатуваат спомениците и луксузирањето на Груевски. Даваме предлог за домаќински и рационален буџет. Доколку не се согласат, нема да дозволиме расипништво. Ги потсетуваме и во 2003 ВМРО-ДПМНЕ имаше времено финансирање. Пари за плати и пензии и субвенции и социјална помош ќе има“, рече Ивановски.