Турција која е еден од највлијателните сојузници на Катар, го испраќа денеска министерот за надворешни работи во Доха, а потоа и во Саудиска Арабија во дипломатски обид да се надмине кризата меѓу Катар и арапски држави.
Министерот Мевлут Чавушоглу ќе има средба со катарскиот колега шеик Мохамед бин Абдулрахман ал Тани, како и со емирот шеик Тамим бин Хамад Ал Тани, соопшти МНР на Турција.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја осуди изолацијата на Катар како „нехумана и против исламските вредности“.
Ердоган истакна дека методите, кои се употребуваат против таа заливска земја се неприфатливи.
Минатата недела Саудиска Арабија, ОАЕ, Египет, Бахреин и уште неколку арапски и муслимански држави ги прекинаа односите со Катар обвинувајќи го за поддршка на исламски екстремисти и на Иран.