Најмалку 77 лица загинаа во југоисточниот дел на Бангладеш откако монсунските дождови предизвикаа свлечишта, а голем број од жртвите останаа затрупани во своите домови додека спиеле, соопштија денеска локалните претставници.
– Бројот на загинати можно е да е поголем, бидејќи бројни области се отсечени, изјави шефот на Службата за управување со катастрофи на Бангладеш Реаз Ахмед.
Се наведува дека голем број од жртвите се од сиромашни племенски заедници.
Во областа Рангамати, што се наоѓа близу до границата со Индија, загинаа 48 лица како последица на одрон што ги затрупал нивните домови.
– Многумина од нив спиеле кога се случил одронот. Евакуиравме дел од жителите на погодените места, соопшти локалната полиција, додавајќи дека е издадена наредба за евакуација на илјада жители кои живеат во колиби лоцирани во подножјето на ридот.
Ахмед наведе дека ангажираните тимови за справување со катастрофи се уште не успеале да стигнат до сите погодени области.
– Кога ќе престане дождот ќе имаме целосна претстава за штетите и ќе започнеме со реновирање, нагласи Ахмед.