Металург заедно со Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ќе упатат заедничко барање до Европската ракометна федерација (ЕХФ) со кое ќе искажат желба и интерес македонскиот вицепрвак Металург и следната сезона да биде дел од ракометната елита на Европа, во Лигата на шампионите (ЛШ).
– Документацијата и сите формулари за аплицирање за дополнително, второ место во следната сезона во ЛШ се подготвени, и денес ќе ги испратиме во ЕХФ со искрена надеж дека, како и во изминатите две сезони, ќе добиеме место во ракометната елита на Европа, потврди Зоран Цветановски, претседателот на Металург.
Според рејтингот, правилата и пропозициите на ЕХФ за сезоната 2017/18 на Македонија и следува едно место во ЛШ за првакот, потоа две места во Купот на ЕХФ (за вицепрвакот и за освојувачот на Купот) и едно место во Челинџ-купот на ЕХФ (за трето пласираната екипа), но и во изминатите сезони ЕХФ отстапуваше од претходно поставените рамки и доделуваше дополнителни места на екипите кои исполнуваат одредени критериуми (добра посетеност на натпреварите, добра организираност на мечевите, маркетинг, спонзори и ракометни имиња кои ќе одговорат на предизвиците во ЛШ). Металург зад себе има шест сезони во ЛШ и доволно искуство за настап во ова натпреварување.