Алжир ги повика денеска на дијалог Катар и соседните земји од Персискиот Залив, откако Саудиска Арабија и нејзините сојузници ги прекинаа врските со Доха.
Алжирското Министерство за надворешни работи ги повика „сите засегнати страни да го изберат дијалогот како единствено средство за решавање на несогласувањата меѓу нив“.
Во соопштението се нагласува „неопходноста во секоја ситуација да бидат почитувани принципите на добрососедство, немешањето во внатрешните работи на државите и почитувањето на нивниот национален суверенитет“.
Алжир, кој одржува добри односи со Катар изрази силна загриженост во врска со кризата и нејзините последици врз единството и солидарноста на арапскиот свет.
Истовремено земјата изрази увереност дека сегашните тешкотии се само конјуктурни и оти мудроста и суштината на крајот ќе преовладеат.
Министерството ги повика земјите и арапските народи да покажат солидарност и единство за да се сочат со предизвиците, пред се со тероризмот.
Саудиска Арабија и четири држави, нејзини сојузнички, ги прекинаа вчера односите со Катар и го обвинија за поддршка на тероризмот, со што предизвикаа остра дипломатска криза на Блискиот Исток.