Четири арапски држави прекинаа денеска дипломатски односи со Катар поради негова поддршка на исламистички групи и односите со Иран, а подоцна им се придружија и Јемен и Малдиви.
Бахреин, Египет, Саудиска Арабија и ОАЕ соопштија дека ќе ги повлечат своите дипломати од Катар и ќе протераат катарски дипломати од своја тетироија.
Арапските држави најавија и блокада на воздухопловниот и поморскиот сообраќај, а Саудиска Арабија ќе ја затвори и копнената граница со Катар, со што таа држава ќе биде отсечена од остатокот на Арапскиот полуостров.
Саудиска Арабија соопшти и дека катарските војници ќе бидат повлечени од војната во Јемен.
Според соопштение, Саудиска Арабија ги прекинува дипломатските односи поради поддршка на Катар на „различни терористички и секташки групи чија цел е дестабилизација на регионот“, вклучително Муслиманско братство, Ал Каеда и ИД.
Египет го обвини Катар дека зазема „антагонистички пристап“ кон Египет и дека пропаднале сите обиди да престане да поддржува терористички групи.
Бахреин го обвинува Катар за поддршка на вооружени терористички активности и финансирање ирански групи за извршување саботажи и ширење хаос во Бахреин.
Јеменските власти наведуваат дека се придружуваат на одлуките на тие држави. Во Јемен се води граѓанска војна во која досега има повеќе од 8.000 жртви и во која против шиитските бунтовници Хуту дејствува коалиција предводена од Саудиска Арабија.
Малдиви прекинуваат односи со Катар поради негова поддршка на исламистички групи.
Засега не ејасно како одлуката на арапските држави ќе влијае на воените операции на САД кои во таа држава имаат стационирано околу 10.000 војници и централна Команда за Блискиот исток.
Шефот на американската дипломатија Рекс Тилерсон изјави дека прекинувањето на дипломатските односи на арапските државу со Катар нема да има последици на борбата против ИД. Тилерсон повика за разговори за надминување на меѓусевните разлики на сите страни.
Претседавачот на влијателниот ирански парламентарен комитет за национална безбедност и надворешни работи наведе дека разликите меѓу Саудиска Арабија и Катар се резултат на неодамнешната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на регионот. Аледин Боруџерди рече дека поради потпишувањето на обемниот договор за продажба на американски оружје на Саудијците, „не е неможно дека ќе има нови негативни инциденти во регионот“.
Иран ги повика денеска Катар и неговите соседи од Персискиот Залив на отворен дијалог за решавање на несогласувањата, откако Саудиска Арабија и нејзините сојзници објавија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Доха.
– Надминување на разликите меѓу земјите во регионот, вклучувајќи ги сегашните проблеми меѓу Катар и трите соседи е можно единствено со политички и мирни средства и отворен дијалог меѓу заинтересираните страни, се вели во соопштението на портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Бахрам Гасеми
Цената на нафтата се зголеми откако денеска држави од регионот прекинаа дипломатски односи со Катар. Брент се зголеми за 32 цента за преку 50 долари по барел додека американски Вест Тексас Интермедиејт се зголеми за 34 центи за барел од 48 долари.
Катар е најголем снабдувач со течен природен гас и произведува дневно 1,48 милиони барели нафта дневно, и членка е на ОПЕК.
Според локални медиуми во Катар, меѓу жителите завладеала паника и граѓаните веќе празнат рафтови од маркети со храна и пијалоци. Странски државјани се повеќе бараат билети за летови кон своите држави.
– Досега не сме виделе вакво нешто. Луѓето изнесуваат полни колички со храна и вода од супермаркетите, наведуваат жители на Доха.
Катарските граѓани треба да ги напуштат Обединетите Арапски Емирати за 14 денови поради одлуката на Абу Даби да ги прекине дипломатските односи со Доха, соопшти катарската Амбасада во Абу Даби.
– Оние кои не може да заминат директно за државата тоа треба да го сторат преку Кувајт или Оман, се додава во соопштението од Амбасадата.
Катар денеска соопшти дека жали поради координираната одлука на Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин да ги прекинат дипломатските односи со таа земја, поради наводните обвинувања дека оваа држава го поддржува тероризмот, јави Ал Џазира.
– Тие мерки се неоправдани и засновани на тврдењата и обвиненија, кои не се базираат на факти, изјави катарскиот министер за надворешни работи.