Македонската кошаркарска федерација и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје неодамна ја обновија меѓусебната соработка потпишувајќи Меморандум, а веќе претстојниот викенд ќе започне да се реализира еден од предвидените проекти.
За првпат во историјата на кошаркарскиот спорт ќе бидат изведени специфични мерења и тестирања на функционално-моторички способности кај млади кошаркари и кошаркарки. Овие таканаречени „скенирања“ ќе служат за детектирање на евентуални недостатоци кај младите кошаркари и давање на конкретни насоки за елиминирање на истите.
Играчите на репрезентацијата до 15 години (родени 2002 година) ќе бидат првите на кои ќе се спроведат низа на специфични тестирања, а понатаму на истите ќе бидат подложени и кошаркарите до 14 години (2003) како и кошаркарите и кошаркарките до 16 години (2000-година).
Мерењата и тестирањата ќе ги спроведат под надзор на продеканот Милан Наумовски, а ќе ги изведуваат професорите при ФФОСЗ Борче Даскаловски и Александар Ацевски и истите ќе се одржат в сабота (27. мај, 2017 година) во спортската сала на Вардар (мала сала „Кале“) со почеток во 14 часот.