На еден „Сеат 600“ му беше вратен првобитниот сјај по повод одбележувањето на шестатата деценија од почетокот на производството на шпанското „Фиќо“.
Слично на крагуевската фабрика „Застава“ и шпанската фабрика „Сеат“ во половината на 20–от век почна со лиценцо производство на сопствена верзија на „ФИАТ 600“.
За разлика од југословенската фабрика, што веќе не постои, шпанскиот производител продолжи да егзистира под капата на групацијата „Фолксваген“, но не заборави и на своите корени и поранешната соработка со „ФИАТ“.
По повод јубилејот „Сеат 600“ бил пронајден еден делумно зачуван примерок од овој автомобил со расклоплив покрив што во последните 25 години собирал прашина и притоа внимателно го реставрирале.
На тимот од 30 лица му биле потребни 1.500 работни часови за целосно обновување на возилото, а најголем предизвик претставувало пронаоѓањето на над 1.000 оригинални делови од автомобилот што требало да се заменат или недостасувале на возилото.
Резултатот може да се види на фотографијата, а посетителите на авто-салонот во Барселона имаат можност во живо да го видат овој „Сеат 600“ што во овој каталонски град ќе биде изложен до 21 мај.
Инаку, „Сеат“ од 1957 до 1973 година кога заврши производството на моделот „600“, имаше произведено околу 800.000 шпански „Фиќа“.