Компанијата „Бугати“ во центарот на Дубаи го отвори својот најголем продажен салон на светот, во кој богатите купувачи можат да одлучат како ќе изгледа нивниот личен примерок на моделот „Широн“.
„Бугати“ веќе распродаде половина од планираните 500 примероци од моделот „Широн“, а најуспешното продажно претставништво се наоѓа во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Затоа и не е изненадување што овој производител на хиперспортски автомобили се одлучи својот најголем продажен салон на светот да го отвори токму во Дубаи.
Во салонот се влегува преку голема врата со висина од четири метри, а влезот е симболично украсен со портал во облик на потковица, по примерот на рамката на маската на ладилникот на автомобилите на „Бугати“.
Во внатрешноста е изложен еден примерок на „Широн“, во карактеристичната сина нијанса на „Бугати“. Во пријатната атмосфера на салонот, купувачите со помош на продавачот можат да го конфигурираат својот примерок по желба, до најмалиот детал на возилото.
Освен вистински автомобил, во понудата на салонот се и разни намалени модели-макети, во размер 1:12 и 1:8.
Официјалниот дистирбутер на Бугати во Дубаи работи од 2006 година. До сега купувачите во ОАЕ порачале над 30 модели „Широн““, додека во оваа земја се продадени и 55 примероци од претходниот модел „Вејрон“.
„Бугати Широн“ за погон користи 8.0 литарски В16 мотор со четири турбо полначи, кој произведува дури 1.500 коњски сили при 6.700 вртежи и развива 1.600 њутн метри максимален вртлив момент.
Автомобилот од нула до 100 километри на час забрзува за 2,5 секунди, а за постигнување на брзина од 200 километри на час му се потребни 6,5 секунди. До 300 километри на час, автомобилот стигнува по 13,6 секунди, а официјалната максимална брзина му е 420 километри на час.
Основната цената на миделот е 2,4 милиони евра.