Со потпишувањето на првиот договор за соработка меѓу Сојузот на бугарските писатели и Друштвото на писатели на Македонија во 1992 година официјално се востановија врските меѓу двете друштва и беше отворена можноста за соработка која 25 години подоцна резултираше со бројни преводи на дела од македонски автори на бугарски јазик и на бугарски автори на македонски јазик, со низа проекти.
Ова, како што јави известувачот на МИА, беше истакнато на панел дискусијата што по повод 25-годишнината од овој договор се одржа вечерва во Културно – информативниот центар во Софија во рамки на 10. Македонска книжевна визита организирана од Книгоиздателството „Макавеј“.
За подготовките на самиот документ и неговото потпишување евоцираа спомени македонскиот поет, критичар и преведувач Бранко Цветкоски, кој присуствувал на првата средба во Софија како член на делегацијата на ДПМ и Кољо Ѓорѓиев, еден од најдобрите бугарски раскажувачи, кој во тоа време бил претседател на Сојузот на бугарските писатели.
-Таа 92-та практично го отвори патот и денес ние можеме да говориме за една навистина плодна соработка. Според исписот од НУБ регистрирани се 105 објавени книги во последните 15 години од бугарски автори, како и добар дел христоматии и антологии од различни области. Од оваа бројка 45 книги се излезени од Книгоиздателството Макавеј, рече Цветкоски.
За Ѓорѓиев првиот договор за соработка меѓу СБП и ДПМ е особено значаен за односите на книжевните друштва во двете земји и треба да биде пример за градење на односи кои треба да бидат изградени на повисоко политичко ниво меѓу двете земји.
Македонската поетеса Кристина Николовска истакна дека 25-годишната соработка меѓу книжевниците од двете земји е преточена во литературен културен живот со конкретни случувања, живи проекти.
– Тоа е цел еден живот, огромна мисија од 2,5 децении, а срцевината на таа мисија е оваа манифестација Македонската книжевна визита бидејќи таа е срцевината на мостовите како метафора за соработката. Светот може да посака една ваква златна соработка, рече Николовска.
Бугарскиот поет и преведувач Димитар Христаов од име на актуелниот претседател на СБП Бојан Анѓелов, кој не е во земјата, истакна дека станува збор за пионерско дело чии огромни резултати ги согледуваме после 25 години.
– Сакам да се заблагодарам на градителите на таа соработка и на денешните учесници во таа соработка, на сите писатели, преведувачи, директори на културни центри. Соработката е наша сегашност и иднина, вели Христов.
На годинашната визита беше претставен и портретот на современиот македонски поет, критичар и естетичар Иван Џепароски за чие творештво говореа македонските писатели Данило Коцевски и Бранко Цветкоски и бугарскиот поет и преведувач Димитар Христов.
Организатор на Македонската книжевна визита, која годинава одбележа 10 години јубилеј, е Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од Министерството за култура на Република Македонија.