Следниот хиперавтомобил на „Ферари“, што во врвот на гамата ќе го замени распродадениот „ЛаФерари“, би требало да се појави дури во 2022 година.
Во разговор за магазинот „Автокар“ директоот на „Ферари“, задолжен за развој на технологијата на италијанскиот производител, Мишел Лејтерс, изјави дека во компанијата на големо се размислува за новиот хиперавтомобил.
Како што Лејтерс појаснува, засега е познато дека моделот што ќе ги продолжи моделите „Ф40“, „Ф50“, „Енцо“, „ЛаФерари“, нема да користи мотор од „Формула 1“, како што беше случајот со „Ферари Ф50“ или како што тоа планира да го направи „Мерцедес АМГ“ со својот нов хиперавтомобил.
– Сакаме тоа да го направиме на поинаков начин. Новиот модел нема да биде автомобил со Ф1 мотор наменет за возење по јавни сообраќајници, како што тоа беше случајот со „Ф50“, затоа што бара премногу модификација, објасни Лејтерс.
„Кога ќе ги дефинираме кои се новите технологии и иновации што сакаме да ги користиме во развојот на следниот хиперавтомобил, а за тоа ни се потребни околу шест месеци, ќе тргнеме во натамошната разработка, вели експертот на „Ферари“ и проценува дека наследникот на „ЛаФерари“ ќе терба го чекаме за три до пет години.
„ЛаФерари“, што беше претставен на саемот на автомобили во Женева во 2013 година, е произведен во 500 примероци. Верзијата „Аперта“ со отворен покрив својата премиера ја имаше на авто-салонот во Париз во есента 2016 година, а предвидено е да се изработат само 250 единици.