Италијанската автомобилска марка Ланчиа, која е во сопственост на ФИАТ, моментално работи само на домашниот пазар, а нејзината програма е сведена на еден единствен модел – Ипсилон.
Во последните неколку години, за жал многу фанови на овој производител на автомобили, се сведоци на тивко гаснење на брендот Ланчиа.
Прво во 2014 и 2015 година престанаа да се произведуваат моделите Делта, Тема и Војаџер (последните два беа практично автомобили на Крајслер со значката Ланчиа), а потоа компанијата најави постепено повлекување од сите европски пазари, освен од италијанскиот.
Иако Ланчиа не издаде официјално соопштение, сите сајтови во земји како што се Германија, Франција, Холандија, Шпанија, Швајцарија и други големи европски авто-пазари, практично се остранети во текот на минатиот викенд.
Посетителите се упатуваат на сајт наменет за сопственици на половни возила од оваа марка ако веќе имаат Ланчиа, или им се препорачува некој од другите брендови од компанијата Фијат-Крајслер, ако се заинтересирани да купат ново возило.
Се уште е во функција италијанскиот сајт, со специјална понуда на еден преостанат модел Ланчиа Ипсилон, која важи до крајот на мај. Каква ќе биде идната судбина на марката Ланчиа на домашниот пазар, останува да се види.
Се чини, наскоро ни во Италија нема да може да се купи нова Ланчиа, па на љубителите на овој бренд им преостанува единствено со носталгија да се присетуваат на некои легендарни модели од историјата на овој производител, како што се Стратос, Делта, Гама и други.