Автомобилот од 1937 година „Талбот-Лаго Т150-Ц СС“, освен по убавина и историска вредност, е и исклучително редок модел, бидејќи бил направен во само два примерока.
„Талбот-Лаго Т150-Ц СС“ е еден од само двата изработени примерока на овој модел со затворени предни калници.
Заради својот специфичен облик на каросеријата автомобилот своевремено бил споредуван со капка вода. Изработен бил во фабриката на компанијата „Талбот“, во ноември 1937 година.
Како што наведува аукциската куќа „Сотби“, возилото ја „преживеало“ Втората светска војна, само затоа што било сокриено и не се користело.
Приказната за овој модел на „Талбот“ продолжила во 1946 година, кога авомобилот бил регистриран во Швајцариоја и веднаш бил преуреден во кабриолет.
Неговата историја кажува дека автомобилот повторно го променил сопственикот во 1966 година, и уште еднаш во 1987 година, кога го купило лице кое и денеска го поседува и кое сакало да му го врати првичниот изглед.
За жал, оригналните делови од каросеријата биле загубени, па од една позната француска компанија, што се занимава со изработка на каросерии за класични автомобили, била нарачана сертификувана реплика. На возилото во 2000 година му бил вратен оригиналниот изглед, а овен каросеријата, остатокот од автомобилот е во фабричката состојба и потекнува од 1937година.
„Талбот-Лаго Т150-Ц СС“ за погон користи, исто така, оригинален, шестцилиндерски бензински мотор.
Автомобилот ќе се најде на продажна аукција на куќата „Сотби“, што во мај ќе се одржи во Италија, а се проценува дека лицитираната цена ќе достигне четири милиони долари.