На интернет се појавија првите фотографии на кои можат да се видат минимални козметички промени на најсилниот модел на Бе-Ем-Ве од Серијата 2.
По рецептот, кој го користеше при редизајнирањето на Серија 4, Бе-Ем-Ве сличната постапка ја повтори и во случајот со Серија 2, а првите фотографии на моделот М2 покажуваат дека освеженото издание добило минимално модифицирање на куќиштето на предните ЛЕД светла со нови агли карактеристични на дневните светла, а изменета е и графиката во куќиштето на задните светла.
Фотографија од внатрешноста се уште нема, но се очекува дека суштинската промена ќе биде последната верзија на мултимедијалниот систем АјДрајв на Бе-Ем-Ве.
Освежениот М2 и натаму го покренува трилитарски шестцилиндерски битурбо мотор кој располага со 370 коњски сили и 465 њутн метри најголем вртлив момент, што е доволно најмалиот М од нула до 100 километри на час да стигне за 4,2 секунди и да развие електронски ограничени 250 километри на час.