Најскапиот модел во понудата на „Мерцедес“ и натаму е „Г65 Ландолет“, а веднаш зад него е посебната едиција на Г-класата која ја покренува В12 мотор.
Во очекувањето на новата генерација на легендарниот теренски автомобил на „Мерцедес“, кој во производна верзија треба да се појави до крајот на годината, германската автомобилска компанија ја претстави ексклузивната едиција на актуелната Г-класа, за која во комбинација со назнаката Г65 треба да се издвојат 287.658 евра.
„Г65 Екслузив Едишн“ е за 12.000 евра поскап од стандардниот модел, кој го покренува АМГ шестлитарски В12 битурбо мотор со 630 коњски сили и 1.000 њутн метри најголем вртлив момент, што е доволно возилото од 0 до 100 кимлометри на час да стигнува за 5,3 секунди и да ги развие електронски ограничените 230 километри на час.
Моделот има посебни 21-инчни бандажи на кои се гуми со димензија 295/40, заштитна плоча на моторот и прагови од некородирачки челик, АМГ апликации на страните и футрола за резервното тркало во боја на каросеријата. Стандардната понуда на бои е проширена со матирана боја монца, која се нуди само на „Екслузив Едишн“.
Со кожа обложената двобојна внатрешност може да се порача во неколку комбинации на бои, а во овој случај не треба ни да се спомнува нивото на стандардната опрема.