Најсилниот караван на компанијата „Мерцедес“, од верзијата „Е63 Едишн 1“, во Германија чини дури 140.000 евра.
„Мерцедес АМГ Е63 Естејт“ што светската премиера ја имаше на почетокот на март, на авто-салонот во Женева, во основната верзија се продава за 112.907 евра. Толку чини регуларниот „Е63“ караван со новиот 4.0-литарски би-турбо В8 мотор од 571 кс (420 кв) и 750 Нм.
Овој автомобил од 0 до 100 км/ч забрзува за 3,6 секунди, пред да ги достигне максималните, електронски ограничени, 250 км/ч.
За оние, на кои тоа не им е доволно, „Мерцедес“ дава посилна „С“ варијанта, по цена од 124.688 евра. Овој модел, исто така, е придвижуван од мотор со запремнина од четири литри, но дури и со 612 кс (450кв) и 850 Нм.
Од состојба на мирување до 100 стигнува за 3,5 секунди, а лимитот фабрички е поставен на 250 км/ч (кај моделите за пазарите на САД со максимална брзина ограничена на 290 километри на час).
Двете верзии, „Е63“ и „Е63 С“, стандардно се испорачуваат со системот „Мерцедес 4 Матик“, со погон на сите четири тркала, додека купувачите на моделот „С“ на располагање го имаат и таканаречениот „Дрифт“ мод, при што силата на моторот се испраќа исклучиво на задната осовина.
Моторите и кај двете верзии на автомобилот се впарени со деветбрзинскиот „Speedshift MCT“ автоматски менувач со двојно квачило.
На врвот на понудата се наоѓа споменатиот модел „Е63 С Едишн 1“, што ќе се изработува во ограничена серија. Овој автомобил во Германија чини 139.980 евра, што го прави најскап модел на новата „Е“ класа.
За тие пари не се добива повеќе сила, туку само поголем број козметички додатоци како на надворешноста, така и во кабината на возилото.
Покрај тоа, „Едишн 1“ има и „АМГ Најт“ пакет со опрема, како и специјално дизајнирани мат црни 20-инчни алуминиумски фелни.
Внатрешноста е тапацирана со ексклузивна „Напа“ кожа, а насекаде се наоѓаат ознаките „Едишн 1“, за сопственикот да се потсети дека поседува возило од лимитирана серија. „Мерцедес“ засега не објавува фотографии на оваа специјална верзија, а не е познато ниту на колку примероци ќе биде ограничено неговото производство.
Испораките на сите три верзии на моделот „Е63“ почнуваат во текот на летото.