Иако во 2016 година се појави вест дека заради намалена побарувачка по луксузни каравани, компанијата „Јагуар“ ќе се откаже од производството на овие возила, оттаму за ова лето, сепак, најавуваат премиера на новата верзија на моделот „ХФ Спортбрејк“.
Новиот караван „Јагуар ХФ“ ќе ја дели истата алумуниумска механичка платформа и мотори со лимузината, што значи дека ќе биде полесен од претходникот.
Како потсетување, седанот „ХФ“ погонот го добива од 3.0-литарскиот В6 бензински мотор со компресор што произведува 380 кс (279 кW) и 450 Нм максимален вртежен момент. Се верува дека во „ХФ Спортбрејк“ ќе се вградува и новиот 2.0-литарски бензинец од семејството „Ингениум“ моторите на „Јагуар“.
Од друга страна, основниот дизелаш е 2.0-литарскиот турбо мотор со 163 кс (120 кW) и 380 Нм, а на оние на кои ова им е малку на располагање е и посилната варијанта со 180 кс (132 кW) и 430 Нм.
Најсилната дизел верзија под хаубата има 3.0-литарски твин-турбо В6, што развива 300 кс (220 кW) и дури 700 Нм.
Кога во текот на 2017 година ќе се појави на пазарот, новиот караван „Јагуар ХФ“ за наклонетоста на купувачите ќе се бори со премиум моделите како што се „Мерцедес Е класа Естајт“ „БМВ Серија 5 Туринг“ и „Волво В90“.